Од крајот на следниот месец, Клексан ќе биде достапен на рецепт, соопшти Фондот за здравствено осигурување. Покрај Клексан, на позитивната листа ќе биде вклучен и уште еден антикоагулантен лек – Надопарина. Висината на партиципацијата за овие лекови ќе биде утврдена подоцна.
„Овие лекови претходно беа на позитивната листа Б и за домашно лекување, граѓаните мораа да користат надомест. До крајот на ноември, овие два лека ќе бидат достапни во аптеките со рецепт. Тука имаме двојна добивка: граѓаните, пациентите, нема да треба да одат на шалтери за да добијат надомест за овие лекови и ќе имаат полесен пристап до лековите. Второ, ќе имаме помалку работен притисок и ќе можеме да се фокусираме на други прашања“, рече Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.
Дополнително, Фондот најави дека во наредниот период ќе бидат преиспитани критериумите за здравствено осигурување. Ова значи дека, во соработка со Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи, ќе се проценуваат ризиците од злоупотреба, додека фокусот ќе биде ставен на лицата кои работат во црната економија или оние кои имаат приходи во странство, а немаат регистрирано никакви приходи во земјата.
„Целта не е да се укине здравственото осигурување, туку да се воспостави фер и еднаков однос – бесплатна здравствена заштита за луѓе кои навистина немаат никакви приходи, додека за оние кои имаат приходи во сивата економија или надвор од Македонија, треба да се најде начин да се ограничи просторот за овие злоупотреби“, рече Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.
Моментално, во системот на Фондот се регистрирани 1.845.007 осигуреници.
The post Клексан оди на позитивната листа, ќе биде достапен во аптеките до крајот на ноември appeared first on Во Центар.



