Бугарскиот парламент одобри привремена забрана за извоз и снабдување на нафтени производи во рамките на Европската Унија, вклучувајќи дизел и авионско гориво, со цел да се заштити енергетската безбедност и стабилноста на домашниот пазар. Одлуката беше усвоена со 135 гласа „за“, четири „против“ и 42 „воздржани“, објави „Новините“.
Според резолуцијата на парламентарниот Комитет за буџет и финансии, мерката е воведена по санкциите на САД врз руската компанија Лукоил. Забраната не го опфаќа полнењето гориво на домашни и странски бродови и авиони, како и снабдувањето на вооружените сили на земјите-членки на ЕУ и НАТО.
Спроведувањето на мерката е доверено на директорот на Царинската агенција и на извршниот директор на Националната агенција за приходи, со можност за издавање посебни дозволи за извоз или испорака, за што мора да биде известен Парламентот, пренесува Танјуг.
Парламентот, исто така, му наложи на раководителот на Државната агенција за резерви и воени залихи да ги провери количините на гориво складирано според Законот за залихи на сурова нафта и нафтени деривати до 7 ноември. Пратениците изјавија дека мерката има за цел да спречи евентуално зголемување на цените на горивата.



