Започна најголемиот кошмар за Путин, Кина ја одби руската нафта: Државните гиганти и помалите рафинерии го преполовија увозот, Кремљ губи пари по примирјето меѓу Трамп и Си

Кинеските рафинерии за нафта избегнуваат испораки од Русија откако САД и други земји ги ставија на црна листа водечките руски производители на „црно злато“, како и некои од купувачите на овој енергетски производ.

Ова го објави „Блумберг“, кој, повикувајќи се на неименувани трговци со нафта, наведува дека кинеските државни гиганти како „Синопек“ и „Петрочајна“ сега се држат настрана и откажуваат дел од своите руски испораки по санкциите на САД воведени против „Роснефт“ и „Лукоил“ минатиот месец.

Помалите приватни рафинерии, за кои американската агенција вели дека се нарекуваат „чајници“, исто така се воздржуваат од купување руска нафта бидејќи се плашат од казни слични на оние со кои се соочува „Шандонг Јулонг Петрохемикал“, кинеска компанија која неодамна беше ставена на црната листа на Велика Британија и Европската унија.

Меѓу руските енергетски производи погодени од овој развој на ситуацијата е широко популарната сурова нафта од типот ESPO со низок процент на сулфур, која доаѓа од Источен Сибир, а чии цени сега се намалени.

Консалтинг компанијата „Рајстад Енерџи АС“ проценува дека околу 400.000 барели дневно, што е дури 45 проценти од вкупниот увоз на руска нафта во Кина, се погодени од новата одлука на купувачите.

Блумберг наведува дека Русија се позиционирала како најголем странски добавувач на Кина, делумно затоа што цената на нејзината нафта е значително намалена поради санкциите воведени од други земји по инвазијата на Москва во Украина.

САД и нивните сојузници сега ги заоструваат санкциите, како врз руските производители, така и врз нивните купувачи, во обид да ја запрат војната со задушување на приходите на Кремљ од нафта.

Кина е најголемиот увозник на сурова нафта во светот, а сите ограничувања на снабдувањето од нејзиниот западен сосед веројатно ќе им користат на другите добавувачи.

Меѓу нив би можеле да бидат САД, кои се согласија за значајно трговско примирје со Пекинг на минатонеделната средба меѓу претседателот Доналд Трамп и Си Џинпинг на маргините на самитот на Азиско-пацифичкиот регион во Јужна Кореја.

Сепак, санкциите не се целосен пораз за Москва.

„Шандонг Џулонг Петрохемикал“, кинеска компанија на црната листа чии испораки беа намалени од западните добавувачи, во голема мера се сврте кон руската нафта поради недостаток на други опции.

„Рајстад“ наведува дека, во меѓувреме, другите приватни рафинерии во Кина ги следат случувањата и се воздржуваат од дејствија што би можеле да предизвикаат слични санкции.

Во секој случај, тие помали рафинерии познати како „чајници“ се соочуваат со недостиг на квоти за увоз на сурова нафта, што веројатно ќе ги попречи нивните купувања на руска енергија до крајот на годината, дури и ако беа подготвени да ги игнорираат санкциите.
The post Започна најголемиот кошмар за Путин, Кина ја одби руската нафта: Државните гиганти и помалите рафинерии го преполовија увозот, Кремљ губи пари по примирјето меѓу Трамп и Си appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: