Силно сме посветени на изградбата и модернизацијата на Коридорот 8, еден од најважните трансевропски транспортни коридори со стратешко, економско и геополитичко значење за целиот Балкан и цела Европа, изјави денес вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, по потпишувањето на Договорот за прекуграничниот железнички тунел во Коридорот 8, на железничката станица Ѓуешево, со неговиот бугарски колега Гроздан Караџов.
„Договорот е сон на генерации од двете страни на границата, нешто за кое сме читале, нешто што нè учеле кога бевме деца дека двете земји, двата главни градови, Софија и Скопјe, треба да бидат поврзани со железничка врска“, рече вицепремиерот Николоски, нагласувајќи ја напорната работа и посветеноста за реализација на проектот.
Според Караџов, овој ден е исклучително важен бидејќи, нагласи тој, остваруваме сон на многу генерации.„Отвораме, реновираме железница која е стара повеќе од 100 години. Имавме чест со Николовски да го реализираме овој проект“, рече Караџов, кој на настанот пристигна со воз од Ќустендил.
Валентина Суперти, директорка на Директоратот на ЕК за Западен Балкан, изјави дека договорот е многу важен за двете земји, но и за целиот регион. „ЕУ ја поддржува соработката меѓу двете земји и обезбедува средства за имплементација на проектот. Изградбата на тунелот ќе донесе социјални и економски придобивки за регионот“, рече Суперти.
Договорот за подготовка, изградба и работа на тунелот – прекугранична точка на двете држави на Коридорот 8 за директно железничко поврзување на Скопјe и Софија, беше потпишан во присуство на претставници на Европската комисија, НАТО, САД, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка. На церемонијата присуствуваше и амбасадорката на САД Ангела Агелер. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, од кои 1.189,30 метри на територијата на Македонија и 1.193,70 метри на територијата на Бугарија.
The post Николоски: Посветени сме на изградбата на Коридорот 8 appeared first on Во Центар.



