Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со премиерот, Христијан Мицкоски, денес ја посетија Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, каде што е обезбеден современ апарат за магнетна резонанца од најнова генерација.
„Продолжуваме таму каде што застанавме поради локалните избори. Ова е уште еден проект што го спроведуваат Владата и Министерството за здравство за унапредување на дијагностичките процедури, со цел обезбедување здравствени услуги во реално време и со повисок квалитет“, изјави министерот Алиу.
Директорот на клиниката, Небојша Настов, нагласи дека минатата година установата е опремена со современа медицинска опрема во вкупна вредност од 90 милиони денари.
„Со оваа нова генерација апарати за магнетна резонанца, времето за преглед се скратува, а бројот на прегледи што можат да се извршат во рок од еден ден се зголемува. Со претходниот апарат, кој беше стар 16 години, се правеа околу 4.000 снимања со магнетна резонанца годишно, додека со новиот апарат очекуваме да извршиме најмалку 5.000 снимања годишно. Покрај најновиот апарат за магнетна резонанца, клиниката е опремена и со два нови лапароскопски столба и трауматолошки инструменти“, додаде директорот Настов.
The post Современа опрема за магнетна резонанца во Хируршката клиника „Св. Наум Охридски!“ – Алиу: Продолжуваме со проекти за унапредување на дијагностичките процедури appeared first on Во Центар.



