Академик Стојко Стојков оценува дека односите меѓу Македонија и Бугарија се во жална состојба и дека ќе има блокада од страна на источниот сосед на нашите европски интеграции можеше да се претпостави и порано.
Сега, вели тој, Македонија нема друг избор освен да се бори, бидејќи верува дека отстапката би довела до нови отстапки.– Односите меѓу Македонија и Бугарија се во многу жална состојба. Но, ова е нешто што се очекуваше и се „градеше“ со децении“, нагласи академик Стојков.
Стојков, кој живее во Сандански, Република Бугарија, и е универзитетски професор по историја на ФОН во УГД-Штип, вели дека многу пати предупредил дека Бугарија ќе ја блокира Македонија на патот кон ЕУ.
„Ова беше познато пред 20 години, не е ништо ново, за жал, многу политичари овде ги затворија очите. Сега Македонија нема друг избор освен да се бори. Нема друг избор, бидејќи секоја отстапка ќе доведе до нови отстапки, а ова нема да има крај. Додека не се промени политичката рамка што моментално постои во Европа и во бугарско-македонските односи, не мислам дека може да се очекува некаков сериозен напредок“, вели Стојков.
На прашањето колку Комисијата за историја помага или ги попречува односите меѓу двете земји, Стојков рече дека е несреќна околност што е создадена оваа Комисија, и тоа во таков формат.
„Не требаше да се случи. Тоа беше голема грешка од страна на луѓето што преговараа и го потпишаа договорот со Бугарија. Дури и кога го видовме тоа, ние, ОМО Илинден-Пирин, го осудивме, бидејќи знаевме што значи и каде ќе води. Токму кон ова нè доведе бугарската страна, од позиција на сила, членка на ЕУ, обидувајќи се да ја принуди Македонија да го промени образованието на македонските деца во историјата, а преку ова обидувајќи се да го промени и идентитетот“, додаде тој.
The post Стојков: Односите меѓу Македонија и Бугарија се во жална состојба, предупредив дека ќе нè блокираат на патот кон ЕУ appeared first on Во Центар.



