Граничниот премин меѓу Северна Македонија и Грција повторно затворен

Околу 14:00 часот по локално време, грчките земјоделци повторно го затворија граничниот премин Евзони за влез и излез од Грција во Северна Македонија, а блокадата се очекува да трае до 22:00 часот.

Над 300 трактори се паркирани на грчката страна од границата, додека имаше блокада во текот на вчерашните утрински часови, како и од 18:00 до 22:30 часот, по што сообраќајот се нормализираше и продолжи без прекин до 14:00 часот.

Низ цела Грција, земјоделците поставија вкупно 14 блока со над 6.000 трактори, од кои два се на граничните премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија).

Во Ники, блокадата денес траеше кратко, исто како и вчера, и се однесуваше само на товарни возила, а не и на автомобили. Праксата на земјоделците, како и во претходните години за време на нивните протести, е да не ги најавуваат блокадите, со оглед на тоа што тракторите и земјоделските возила се паркирани на граничниот премин и остануваат таму, додека на дневни состаноци, надлежните земјоделски комисии одлучуваат кога и колку долго ќе блокираат.

Граничниот премин Дојран останува единствениот без блокади и сообраќајот за влез и излез од Грција се одвива без проблеми.Денес, земјоделците од Солун се обидоа со своите трактори да стигнат до солунскиот аеродром и таму поставија нова блокада, но беа спречени од полицијата, по што се случија инциденти со употреба на солзавец.

Во внатрешноста на Грција, во областа Никеја во близина на Лариса има околу 1.800 трактори, а автопатот Солун-Атина е затворен, во близина на градот Кардица над 2.000 трактори учествуваат во блокадата, а блокада има и на излезот од Солун кон Атина.

На некои места каде што има блокади, земјоделците дури поставија и новогодишни елки, што во Грција се толкува како порака дека нема да се откажат и, доколку е потребно, ќе ги поминат празниците на улица.

Грчките земјоделци, кои ги започнаа протестите во недела, најавија постепено интензивирање до 5 декември, а засега нема информации колку долго ќе траат.
The post Граничниот премин меѓу Северна Македонија и Грција повторно затворен appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: