По Кичево и Струмица, од вчера се активираат итни мерки против загадувањето на воздухот и во Скопско, бидејќи мерните станици покажаа надминување на дозволените концентрации на загадувачки честички во неколку општини на Скопско.
Зголемената магла дополнително ја влошува ситуацијата, додека високи нивоа на загадување се регистрирани и во други градови во земјата.
Министерството за животна средина и просторно планирање активираше протоколи за заштита на јавното здравје, со посебен акцент на заштитата на најчувствителните категории граѓани.
Во согласност со владините мерки, работодавачите се должни да ги ослободат од работни обврски следните категории лица: бремени жени, лица над 60 години, лица со хронична астма, лица кои претрпеле миокарден инфаркт или мозочен удар, без оглед на возраста.
Пулмолозите апелираат до граѓаните да го ограничат времето поминато на отворени простори колку што е можно повеќе, особено ако немаат итна потреба да излегуваат.
„Најкритичните часови се рано наутро и доцна навечер, кога концентрациите на штетни честички се највисоки. Доколку е потребно движење, препорачуваме користење на јавен превоз наместо лични возила“, советуваат лекарите.
Одговорните институции ги повикуваат граѓаните редовно да ги следат официјалните препораки и најави сè додека трае епизодата на загадување на воздухот.
The post Поради загадениот воздух, бремените жени и лицата со хронични заболувања се ослободуваат од работа appeared first on Во Центар.


