Законот за употреба на јазиците ќе биде решен во Уставниот суд следната година

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, очекува предметот за Законот за употреба на јазиците да биде решен следната година.

Тој нагласи дека никој не треба да гледа опасност бидејќи „ниту даваат, ниту земаат нешто“, туку се прави усогласување на одредби од законот со Уставот и на крајот резултатот ќе биде многу подобар закон отколку тој што го имаме во овој момент.

Костадиновски, одговарајќи на новинарски прашања за овој предмет на годишната прес-конфренција, рече дека го прати „неверојатен сплет на околности“ и дека, за жал, две подготвителни седници беа одложени од објективни причини.

-Едната се погоди два-три дена по трагедијата во Кочани, другата во околности кога Управниот суд со своја одлука, на некој начин ни го отстрани судијата известител по тој предмет. Во такви околности се постапува по Актот на судот.

Во такви околности предметот оди кај друг судија известител, тој има рок од 6 месеци. Рокот истече минатиот месец, судијата известител побара уште еден месец за да го доработи.

Моето очекување е дека ќе го добијам во текот на јануари и штом ќе го добијам на работен состанок ќе го поставам прашањето дали ќе продолжиме со подготвителна седница. Јас лично ќе се залагам за подготвителна, но дека тој предмет ќе биде решен следната година, ќе биде решен – изјави Костадиновски.

Пронајдете не на следниве мрежи: