Демократската унија за интеграција најостро и без никакви резерви го осудува нечовечкиот, понижувачки и дискриминаторски третман на 76 вработени во Министерството за меѓуетнички односи, сите Албанци, кои се повикани на работа и затворени во канцеларии без минимални човечки услови и без никакви работни задачи, стои во соопштението на ДУИ. Сместувањето на десетици жени и мажи во три канцеларии, без столчиња, без работни маси, без компјутери, без елементарни средства и без било каков професионален ангажман, при што се принудени да стојат од 08:00 до 16:00 часот, претставува отворена форма на институционален мобинг и психолошка тортура.
Фактот дека овие вработени, за да го преживеат работниот ден, биле принудени да импровизираат седејќи на подот и носејќи ќебиња од дома, претставува државен срам кој го нарушува човечкото достоинство и ги крши сите законски, морални и европски стандарди. Оваа реакција на интегративците доаѓа откако вчера беше објавено видео во кое можеше да се видат душеци како импровизирани кревети и апарати за приготвување чај и тостови, токму во Министерството за меѓуетнички односи.
Вицепремиерот и ресорен министер Иван Стоилковиќ тврди дека просторијата ја користеле службеници кои биле отпуштени, а по „документирањето на состојбата“, како што напиша на социјалните мрежи , ги „испратиле да си спијат дома“.



