Како во филмовите, масовен грабеж во Германија – отворени над 3 илјади сефови и украдени 30 милиони евра

Крадците користеле голема дупчалка за да провалат во сеф во филијала на банка на главна улица во западна Германија и да украдат околу 30 милиони евра во готовина и вредни предмети, соопшти полицијата.

Портпаролот на полицијата го спореди грабежот со холивудскиот филм „Оушнс единаесет“, изјавувајќи за новинската агенција АФП дека грабежот бил „извршен многу професионално“.

За време на грабежот во штедилницата „Шпаркасе“ во градот Гелзенкирхен, крадците отвориле повеќе од 3.000 сефови во кои имало пари, злато и накит.

Полицијата во Гелзенкирхен соопшти дека била информирана за злосторството откако бил активиран противпожарен аларм во раните утрински часови во понеделник.

Засега нема уапсени, а сторителите се уште се на слобода.

Полицијата соопшти дека крадците ги искористиле „тивките божиќни денови“ за да ја ограбат зградата на Нинхофштрасе во населбата Буер.

Првичните истраги покажуваат дека тие успеале да влезат во банката и избегале преку соседната паркинг гаража.

Сведоците изјавиле дека виделе неколку мажи како носат големи торби на скалите од гаражата во текот на ноќта помеѓу саботата и неделата.

Полицијата соопшти дека видео-снимката покажува црно „Ауди РС 6“ како ја напушта гаражата, на улицата Де-Ла-Шевалери-Штрасе, рано наутро во понеделник.

Дупката во подземната просторија со трезор била откриена кога бил активиран противпожарен аларм во раните утрински часови во понеделник, а полицијата и пожарникарите ја пребарале зградата.

Од засегнатите банкарски клиенти е побарано да контактираат со „Шпаркасе“, која воспостави телефонска линија. Полицијата го обезбеди влезот во филијалата во вторник откако голем број клиенти се собраа надвор барајќи информации.

Во пораката на веб-страницата на банката се вели дека филијалата ќе остане затворена во вторник по кражбата.

Шпаркасе изјави дека 95% од сефовите на клиентите биле насилно отворени од крадци, па затоа веројатноста тие да бидат засегнати е „многу голема“.

Таа додаде дека содржината на секој оддел е осигурана до 10.300 евра и им порача на клиентите да проверат дали имаат дополнително покритие преку осигурувањето за домот. 
The post Како во филмовите, масовен грабеж во Германија – отворени над 3 илјади сефови и украдени 30 милиони евра appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: