Непрооден е патот кон ХЕЦ Козјак поради појава на голомразица, информираат утрово од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Оттаму додаваат и дека сообраќајот на регионалниот пат Дебар – Маврово е нормализиран.
Како што соопштија од АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, на места по влажни коловози.
„Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските среди е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата“, се вели во соопштението.
Се препорачува прилагодеена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Ова особено важи за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Почитување на законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.



