„За жал, имаме неодговорна, неконструктивна и неидеолошка опозиција“, изјави премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го одбивањето на Венко Филипче да учествува на лидерската средба, каде што се очекува да се разговара за отстранување на техничката влада и консензус за реформските закони.
Мицкоски вели дека владата има мнозинство за да ја укине самата техничка влада, но дека сакала процесот да биде инклузивен.„Со 61 пратеник во Собранието, можеме да го промениме Законот за Влада и да ја укинеме техничката влада. Не ни е потребна поддршката од опозицијата, но сакаме процесот да биде инклузивен, иако имаме мнозинство градоначалници. Повеќе од 90% од градоначалниците се од владината коалиција, околу 2/3 мнозинство во Собранието. Значи, ако сакавме да се однесуваме незрело и неодговорно, можевме да го направиме тоа без таа лидерска средба“, рече Мицкоски, меѓу другото.
На прашањето дали лидерската средба е поврзана со предвремени парламентарни избори, Мицкоски рече дека изборите не се приоритет.
„Наш приоритет, како што реков, се реформите и проектите. Ние не ги сметаме изборите за приоритет. Граѓаните претходно јасно покажаа на локалните избори каде е нивната поддршка, пред помалку од година и пол тие исто така јасно кажаа на парламентарните и претседателските избори која политичка опција ја поддржуваат“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски рече дека и покрај отфрлањето од страна на СДСМ, формални покани ќе бидат испратени до лидерите на политичките партии денес и утре, додека средбата се очекува да се одржи на 14 јануари во 12 часот, во Клубот на пратениците. Шефот на извршната власт рече дека, меѓу другото, на средбата се очекува да се дискутира и за прашањето за Народниот правобранител.
The post Мицкоски: Имаме мнозинство за укинување на техничката влада appeared first on Во Центар.



