Силјановска Давкова до Собранието достави предлози за двајца членови на Судскиот совет

Материјалите за избор на Сузана Јошевска Анастасовска и Арлинда Кадри Шахиновиќ за членови на Судскиот совет на Република Северна Македонија се доставени до Собранието, по предлог на претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Арлинда Кадри-Шахиновиќ е универзитетски професор со долгогодишна академска кариера на Факултетот за правни и политички науки на Универзитетот ФОН и МИТ, додека на јавноста ѝ е позната и како поранешен член на Комисијата за амнестија. Сузана Јошевска Анастасовска е адвокат со долгогодишна пракса, особено во кривичните предмети.

Предлозите следат по усвојувањето на новиот Закон за Судскиот совет на 29 декември, кој носи промени за зголемување на транспарентноста и отчетноста, објавување на процедурите, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“ и зајакнување на дисциплинската одговорност на членовите.

Судскиот совет има 15 члена, од кои осум се избираат од судиите, тројца од Собранието, двајца ги предлага претседателот на државата, а двајца се членови по функција – претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, без право на глас.

Се очекува предлозите на претседателот да влезат во процедура на Собранието почнувајќи од понеделник.
The post Силјановска Давкова до Собранието достави предлози за двајца членови на Судскиот совет appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: