Премиерот Мицкоски најави укинување на техничката влада. Голема тема. Историска реформа! Конечно ќе се расчистело со „техничките експерименти“.
Само има еден “мал” проблем- ова го најавува премиер кој со месеци најавува реконструкција на сопствената влада… и никако да ја направи.
На 25 август 2025, Мицкоски најави дека по локалните избори ќе следува реконструкција на Владата. Јасно, гласно и самоуверено. „Ниту една функција не е вечна“, рече.
Локалните избори поминаа во октомври. Функциите – останаа.
На 6 ноември 2025, Мицкодки со нова изјава: реконструкција по партискиот конгрес. Причина? Партиски конгрес, подготовки, внатрешна консолидација. Со други зборови: Владата може да почека, партијата – не.
На 1 декември 2025 следува уште една најава за реконструкција, со повторување на истата формула: никој не е незаменлив, ќе има промени. Само без датум. Без рок. Без обем.
Сега слушаме нова „голема“ најава: укинување на техничката влада.
Испаѓа дека полесно е да се укине цел изборен механизам воспоставен со закон, отколку да се спроведе реконструкција што самиот премиер ја најавува веќе половина година.
И додека реконструкцијата на владата патува од датум до датум, ни се нуди уверување дека предвремените избори, кои со душа ги најавуваат меѓу своите, ќе бидат фер и без постењето на техничка влада.
Да заклучиме. Денеска во Македонија, очигледно, има две работи што секогаш се „во подготовка“:
– реконструкцијата на Владата
– реформите што никогаш не стигнуваат до реалноста
Сè друго се случува.
Само одговорноста – не.



