СП: Одбраната на судијата ќе докажува дека татко му и мајка му продале имот за фотоволтаици вреден 400 илјади евра

Одбраната на судијата Ѓоко Ристов ќе докажува дека судијата нема никаква врска со 350-те илјади евра кои беа најдени заѕидани во домот на неговите родители во Неготино и со финансиско вештачење ќе докажува дека парите се на таткото и мајката на судијата од продаден имот за фотоволтаици вреден 400 илјади евра. Адвокатот на Ристов, Звонко Давидовиќ, во изјава за „Слободен печат“, по брифингот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вели дека Обвинителството ја извртува тезата дека парите се од лозарство.

-Она што обвинителството го премолчува, а го знае и ја извртува тезата дека парите се од лозарство, е дека родителите на осомничениот пред извесен период

продале имот и право на градба и поставување на фотоволтавици, договорот е нотарски заверен, а парите во износ од преку 400.000 евра се уплатени на сметка на мајката на осомничениот. Постојат и други извори на приходи на таткото и мајката на осомничениот кои ќе бидат детално образложени во вештиот наод и мислење кој за одбраната ќе го изготви вештак од областа на финансиите – вели Давидовиќ за „Слободен печат“.

Тој тврди дека Обвинителството не излегло со ниту еден доказ и дека само ја „храни јавноста, ја замаглува вистината и прави конструкции“. Како аргумент плус дека парите не се на судијата тој го споменува тоа што на записникот за извршен претрес бил потпишан неговиот татко Здравко Ристов, а од Ристов не бил одземен ниту еден денар.
-Уште пред десетина дена е извршен претресот во домот на Ѓоко Ристов и во неговата викендица, и не е најдено ама баш ништо. Износот со кој обвинителството калкулира и се обидува да докаже постоење на кривично дело Противправно стекнување и прикривање имот со износ од 350.000 евра се најдени во домот на родителите на осомничениот во Неготино, 100 километри од местото на живеење на осомничениот. Дури и обвинителството во сите изјави, а и официјални документи поднесени до судот, не дава ниту еден доказ дека парите се на Ѓоко Ристов освен голото и непоткрепено усно тврдење на ОЈО ГОКК – додава и Давидовиќ.
Адвокатот ги анализира и кривичните дела што обвинителството му ги става на товар, па така за „противправно стекнување и прикривање имот“ вели дека судијата не ниту службено лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал и дека нема обврска да го пријавува имотот на мајка му и татко му.
-Осомничениот е судија и истиот не е ниту службено ниту одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал па оваа одредба воопшто не може да се примени на судија или обвинител. Судот, во кој е вработен осомничениот не е јавна установа, не е јавно претпријатие ниту е правно лице кое располага со државен капитал па ваквата квалификација и тврдењата на ОЈО ГОКК ги прави апсурдни. Осомничениот има обврска да пријави имотна состојба своја и на членовите на своето семејство. Согласно Законот за семејство членовите на неговото семејство се сопругата и децата, а родителите кои живеат посебно и во друг град не се членови на неговото семејство и истиот нема никаква обврска за пријавување на нивниот имот. Сите роднини кои не живеат заедно со осомничениот во семејна заедница се членови на фамилијата, а не на семејството. За кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл. 273 ст.1 од КЗ кое исто така му се става на товар на осомничениот, се што можам да кажам е дека е просто неверојатно тврдењето дека пари заѕидани во ѕид на куќа се пуштени во оптек и во финансиските текови за воопшто да можеме да разговараме за постоење на ова дело – вели адвокатот.
Наспроти овие негови тврдења, обвинителката што го води случајот, Искра Хаџи Василева, денеска на брифинг со новинарите рече дека одбраната не ја убедила дека парите се на родителите од земјоделство, но рече дека другата страна има право да се обиде да го докаже тоа.
– Во вчерашниот ден пред судија беше изнесена одбраната на осомничениот, исказот на родителите дека парите се нивни мене не ме убеди, ниту се чини кредибилна одбраната дека се од родители или од земјоделие… мене не ми се убедливи наспроти она што го имаме како доказ и случувањата на терен, претреси, вербални докази, начинот на кој се најдени и чувани. Можеби понатаму ќе нè убедат – рече Обвинителката.
Во однос на кривичните дела за кои се товари Ристов, од ОЈО ГОКК велат дека она што е сигурно е дека е парите што се најдени во неговиот семеен дом тој не можел да ги стекне од неговата плата како судија и државен службеник или од други извори за кои Обвинителството има докази дека се легални. Ова го покажале наодите од финансиската истрага, која сè уште е во тек.
За кривичното дело „перење пари“ вели дека не станува збор за класично пуштање во оптек на нелегално стекнати пари, туку дека во тој член од Кривичниот законик има став и за криење пари. Ристов е во куќен притвор и е суспендиран од судиската функција. Тој беше судија во Кривичниот суд, а потоа и во Апелација и беше дел од судечките совети кои одлучуваа за предмети за голем број политички и бизнис моќници.

Пронајдете не на следниве мрежи: