Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, нагласи дека одлуката за активирање на системот „Безбеден град“ е одлука со која директно се штитат животите и безбедноста на граѓаните.
„Гласањето за Законот за помали прекршоци е јасна потврда дека кога има политичка храброст и одговорност, може да се донесат одлуки што директно ги штитат животите на граѓаните. Искрена благодарност до сите пратеници што го поддржаа законот и покажаа дека безбедноста во сообраќајот, заштитата на човечкиот живот и јавниот интерес се поважни од дневната политика. Со оваа одлука, Парламентот испрати силна порака дека државата конечно презема систематски чекори против сообраќајниот хаос и бесмислената загуба на човечки животи“, рече Тошковски.
Тошковски им се заблагодари на граѓаните, нагласувајќи дека во текот на периодот на тестирање покажале резултати во подигањето на свеста.
„Посебна благодарност до граѓаните. Во текот на тест периодот, тие покажаа дека знаат, можат и сакаат да бидат дел од решението. Со промена на своето однесување во сообраќајот, почитување на правилата и подигнување на свеста, граѓаните директно придонесоа за поголема безбедност и намалување на сообраќајните несреќи, повредите и жртвите. „Безбедниот град“ не е систем за казнување, туку систем за спасување животи, и токму граѓаните први го разбраа ова“, нагласи Тошковски.
Потсетуваме дека вчера, со 81 глас „за“ и 19 „против“ и без воздржани, Собранието гласаше за Законот за измени и дополнувања на Законот за помали прекршоци, по скратена постапка. Со ова се отвора патот автоматското регистрирање и санкционирање на помали прекршоци да започне од 1 февруари.
The post Тошковски: „Безбеден град“ не е систем за казнување, туку за спасување животи од сообраќајниот хаос appeared first on Во Центар.
Пронајдете не на следниве мрежи:



