Еве колку ќе чини секој прекршок регистриран од „Сејф Сити“

Откако вчера во Собранието беа изгласани измените на Законот за прекршоци, од 1 февруари официјално започнува системот за следење на прекршоците во сообраќајот „Безбеден град“. Извесна е и сумата на глобите што граѓаните кои не ги почитуваат сообраќајните правила ќе ги плаќаат. Ќе се санкционираат четири прекршоци во сообраќајот: пречекорување на дозволента брзина, минување на црвено, истечена важност на сообраќајна дозвола и регистрација и непрописно запирање и паркирање.

Колку пари ќе биде глобата ќе зависи од тоа колку километри на час над дозволената брзина некој вози.

За пречекорување до 20 километри на час, глобата е 20 евра. Тој што ќе вози од 20-30 километри на час над дозволената брзина според законското решение е предвидено да плати 45 евра глоба. За пречекорување на дозволената брзина од 30 до 50 километри на час казната е 300 евра и забрана да управува со возило од 3 до 12 месеци. За пречекорување над 50 километри на час глобата е 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување со моторно возило од најмалку 1 година.

Во населените места казната е построга и може да стигне до 500 евра.

Доколку направите сообраќајниот прекршок минување на црвено светло, системот автоматски ќе изрекува глоба од 250 евра и забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци. Кривична одговорност е предвидена ако прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода.

Ако се управува возило со истечена сообраќајна дозвола следува казна од 100 евра за возачот, а сопственикот на возилото ќе плати 250 евра.

Ако непрописно запрете и паркирате исто така е санкциониран прекршок со „Безбеден град“. За непрописно паркирање или запирање на забрането место предвидена е казна од 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра ако возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.

Ако казната ја платите во рок од 8 дена, ќе добите 50 проценти попуст, а по истекот на рокот се наплаќа во целост, со што е можно и присилна наплата.

Возач кој ќе добие три забрани за управување на моторно возило во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано после една година.

Пронајдете не на следниве мрежи: