Американскиот претседател Доналд Трамп изјави за „Њујорк пост“ дека американските војници користеле, како што нагласи, ново тајно оружје наречено дискомбобулатор при апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Тој уверува дека токму тоа било клучно за операцијата да биде успешна. Според него, САД ја направиле венецуелската опрема неупотреблива со тоа мистериозно оружје. Тврди дека не може подетално да зборува за оружјето, иако би сакал.
„Ниту една од нивните ракети не беше лансирана. Имаа руски и кинески ракети и ниту една од нив не беше лансирана. Влеговме додека тие притискаа копчиња и ништо не функционираше. Тие се подготвија за нас“, изјави Трамп за „Њујорк пост“.
Недолго по апсењето на Мадуро, се појавија обвинувања дека при апсењето било употребено оружје со пулсна енергија, кое емитува интензивна енергија на звучни бранови, и било купено од администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден. Се сомнева дека ова оружје го предизвикува „синдромот Хавана“.
Имено, се тврди дека чуварите на Мадуро паднале на колена, крвареле од носот и повраќале крв како резултат на употребата на ова оружје.
The post Трамп тврди дека Америка користела ново тајно оружје при апсењето на Мадуро appeared first on Во Центар.



