Министерството за внатрешни работи денеска во рамки на проектот „Безбеден град“ ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор на подрачјето на градовите Куманово и Тетово.
Како што се наведува во известувањето од МВР, активностите ќе се реализираат во временскиот интервал од 08 до 20 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае кратко, приближно од 15 до 30 минути.
Од МВР информираат дека за време на спроведувањето на активностите на конкретната локација, сообраќајот привремено нема да се пропушта додека трае постапката, по што ќе продолжи да се одвива нормално.
– Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности – се наведува во соопштението.



