Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вели дека од Брисел деновиве повторно има иницијатива за организирање средба со Бугарија за откочување на евронтеграциите на државава.
Тимчо Муцунски во Париз / Фото: Фејсбук
Муцунски во гостувањето на „Сител“ рече дека фокусот во евроинтеграциите на прв план го ставаме на домашните реформи и оти има задоволство и од Брисел, при што посочи дека Акцискиот план за заштита на малцинствата беше поздравен од неколку земји членки. Но, тој вели дека недостига дијалог за да се изнајде решение за најкомплексниот проблем.
– Во декември имаше сериозни иницијативи од неколку поголеми и повлијателни земји членки на ЕУ, заедно со раководството на ЕУ за организирање средба помеѓу мене и мојот колега Георгиев. Како Влада бевме прашани да предложиме неколку датуми, ние рековме определете го датумот, но за жал, од страна на Софија немаше позитивен фидбек. Деновиве повторно од Брисел има иницијатива за организирање средба. Повторно, на располагање сме кога другата страна ќе биде подготвена да ги размениме нашите аргументи, да ги кажеме нашите објективни грижи, нашиот страв дека повторно и да се донесат уставните измени, нашата држава ќе биде ставена во иста позиција заради прашања поврзани со идентитет, историја и јазик. Да ги кажеме нашите грижи за непримената на пресудите на Меѓународниот суд за човекови права од страна на соседна Бугарија, да дискутираме како соседи коишто во последните месеци, на пример, на Коридорот 8 дека можеме да постигнеме успех доколку сакаме, рече Муцунски.
Тој додаде дека „за решение се потребни двајца, добра верба и да се дискутира во духот на европските вредности“. Нашата Влада е подготвена и денес и утре и кој било ден да има таква дискусија, независно од тоа кој ќе биде резултат на изборите во Софија, вели шефот на македонската дипломатија.
– Кога дискутираме со претставниците на земјите членки на ЕУ, на ЕК, секогаш има обид да се најде некое решение. За жал, не можам тие идеи да ги споделам сега со јавноста бидејќи во истиот момент ќе бидат отфрлени. Постојат повеќе идеи. Граѓаните треба да знаат дека за нас се клучни неколку фудаментални прашања, Прво да се стави крај на нашите национални отстапки, не само кон Бугарија, туку кон која било држава, а кои задираат кон нашите идентитетски обележја – јазикот, културата, историјата. Исто така наше очекување е дека македонските национални малцинства кои живеат надор од нашите граници, посебно тие во земјите членки на ЕУ, ќе добијат европски третман, рече Муцунски.
Тој оцени дека за жал можеби заради изборниот процес во Бугарија „видовме некоректен пристап кон Акцискиот план за малцинства“.
– Софија се однесува како што се однесува, ние треба да се фокусираме на домашните реформи, да го европеизирае нашето општество, да ги исполнуваме меѓународните обврски и истовремено да бидеме проактивен чинител во изнаоѓање решение, рече Муцунски.


