Голем протест на ССМ: Работниците бараат поголеми плати и 600 евра минималец

Сојузот на синдикати на Македонија ги повика сите оние кои не се задоволни од платата да се приклучат на денешниот протест организиран против незголемувањето на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 100 евра.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов: 200 илјади луѓе живеат со плата под 30.000 денари, не треба на никој да му се плашите, затоа што не му должите на никому ништо
Аргументи има многу, изговори нема, 200 илјади луѓе живеат со плата под 30.000 денари, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Протестот, како што посочи, е заради игнорантскиот однос на Владата и на работодавачите кои не се договорија за зголемување на сите плати за 100 евра преку зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра.

– 28 јануари е денот кога работниците зборуваат. Колку гласно ќе зборуваат, зависи од вас. Утре вашето присуство на улица ќе зборува погласно од секоја дискусија што сте ја воделе во семејствата и на вашите работни места. Овој протест е за вашите плати затоа што истите не стигнуваат од 1-ви до 1-ви. Овој протест е против неправдата затоа што тие земаат 10 пати поголем аплата од вашата. Овој протест е затоа што тие за себе обезбедуваат 250 евра зголемување на нивните плати, а за вас ниту 25 евра, рече Трендафилов.
Од ССМ најавуваат дека следниот ден по завршување на протестот ќе излезат со информации и докази за институциите во кои се врши притисок врз работниците да не се приклучат на протестот.
За ставот на Конфедерацијата на слободни синдикати околу зголемувањето на платите, Трендафилов со порака дека само вистинските синдикати се борат и ги поддржуваат работниците во борбата за нивните права.
– Се бориме за 6.000 денари да се зголемат и платите на членовите на КСС која не сака да се бори за зголемување на платите, а нејзиниот претседател дава изјави дека малку се зголемиле функционерските плати и дека треба уште повеќе да се зголемат. Тие се борат за функционерите, а ние се бориме за работниците. Разликата е огромна, рече Трендафилов.
Во однос на изјавата на претседателот на Бизнис конфедерацијата Миле Бошков дека приватниот сектор не може да го издржи зголемувањето на минималната плата, Трендафилов со одговор дека официјалните податоци за остварените профити ги демантираат сите изговори на бизнис секторот.
– Трагично е тоа што тие поткленаа под притисокот на Владата за да не им го блокираат бизнисот. Трагично е тоа што Владата одбивајќи да ги субвенционира придонесите на работниците во период од 12 месеци како што побара бизнис секторот, денес е за 10 милиони евра покус буџетот, рече Трендафилов.
СДСМ: Го разбираме незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме барањата за зголемување на минималната плата
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) изрази целосна поддршка за протестот на работниците и Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека нивните барања за зголемување на платите се оправдани и неопходни.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори“, соопштија од СДСМ.
„Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери – 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за фирма со двајца вработени и 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“, се наведува во реакцијата.
СДСМ потсетува дека за време на нивното владеење, средствата биле насочени кон граѓаните и работниците.
Левица: Безрезервна поддршка за протестот на работниците и барањата на ССМ за покачување на платите

Изразуваме целосна поддршка кон барањата на Сојузот на синдикатите на Македонија за покачување на платите. Барањата на ССМ се легитимни, оправдани од секојдновното зголемување на трошоците за живот и насочени кон подобрување на животниот стандард и почитување на работничкиот труд, стои во соопштението на Левица.

Мицкоски: Целта на синдикатите не е покачување на платите, туку политичка пресметка
Премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ21, во врска со најавените протести на дел од синдикалните организации рече дека секој има право да протестира. Посочи дека тој нема ништо против повисоки примања, но смета дека целта на синдикатите е политичка пресметка, а не повисоки плати за работниците.
Протестот почнува денеска во 17 часот од пред зградата на ССМ и продолжува пред Собранието и Стопанската комора за да заврши пред Владата.
Доколку нема слух од другата страна, ССМ најавува блокади на таргетирани институции, организирање на генерален штрајк и собирање 10.000 потписи со кои ќе се бараат законски измени за намалување на функционерските плати за 80 проценти и зголемување на сите плати преку зголемувањето на минималната плата на најмалку 600 евра.

Пронајдете не на следниве мрежи: