Владата ќе го поддржи секој предлог што ќе биде заеднички прифатен од синдикатите и од работодавците во однос на минималната плата. Треба да има зголемување и на минималната и на другите плати, но тоа мора да биде постепено, со сигурност и во стабилна економска рамка, соопшти министерот за економија, Бесар Дурмиши.
— В четврток имаме состанок со синдикатите од УПОЗ (Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани н.з.), идните денови ќе има и седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), на која, најверојатно, ќе бидат присутни и синдикатите и работодавците. Ако предлогот биде прифатен од сите фактори, односно од сите членови на ЕСС, ние како Влада и Министерство сме таму да ги поддржиме. Нашиот став во рамките на ЕСС сме го кажале од почеток – ако се договорат синдикатите и работодавците, ние сме таму да им излеземе во пресрет на двете страни. Ние ја гледаме целата слика, ја имаме предвид сликата на сите граѓани и на вработените во јавниот сектор и на вработените во приватниот сектор. Сме го кажале ставот и стоиме на тоа да има зголемување на минималната и на другите плати во јавниот сектор, но тоа да биде постепено, со сигурност, да има стабилна економска рамка — потенцира Дурмиши.
Во однос на зголемување на платите на функционерите, тој информираше дека ги чекаат податоците на Државниот завод за статистика за овој месец, но во моментов нема таква одлука.
— Ќе видиме каква е ситуацијата откога овој месец ќе излезат податоците од Државниот завод за статистика и соодветно ќе постапиме. Лани донесовме одлука со која ги ограничивме платите на функционерите, односно предвидовме да се зголемуваат како и платите на сите други вработени во јавниот и приватниот сектор. Овој месец ќе излезат податоците од Државниот завод за статистика од кои ќе видиме каква е ситуацијата и соодветно ќе постапиме. Стоиме на тој став дека нема да донесеме одлука со која ќе се зголемат платите на функционерите. Минималната плата ќе биде нивелирана или зголемена во март за 7 или 8 отсто, што значи дека во 2028 година ќе имаме зголемување за 40-ина проценти. Значи, да излезат податоците и ќе донесеме одлука – како што постапивме лани така ќе постапиме и оваа година — истакна Дурмиши.



