Со сослушување вешти лица од Словенија, кои ги работеле медицинските вештачења за Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а за сослушување на вештите лица од Словенија се закажани повеќе рочишта неделава.
Во сгласност со најавената динамика, кон крајот на март ќе треба да се почне со сослушување вешти лица од Србија, кои исто така работеле медицински вештачења за Обвинителството.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службената положба и за проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.


