Над 40-те тони марихуана запленета во неодамнешната полициска акција привремено е складирана во простории на Министерството за внатрешни работи и ќе биде предмет на доказната постапка.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во изјава снимена и објавена на официјалниот сајт на МВР информира дека станува збор за марихуана произведувана надвор од утврдените протоколи, односно незаконски третирана од фирмите од кои е одземена.
Вели дека во координација со обвинитеството се работи на расветлување на целиот случај.
Запленетата марихуана, според премиерот Мицкоски, е резултат на погрешните политики од минатото.
– Очекувам на седницата на Влада денеска дека ќе се донесе одлука со која ќе се формира тим кој ќе влезе во повеќе правни лица, ќе го испита работењето и ќе констатира фактичката состојба. Ќе констатира кои се тие правни субјекти кои работеле согласно закон, а кои се оние кои го изиграле законот, вели Мицкоски во снимената изјава.


