Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Европа се соочува со „длабок геополитички јаз“ што има значајни последици за нејзината трговија и одбрана, во услови на променливи односи со Кина и САД.
Тој ја повика Европа да „ја потврди својата позиција во светот“, бидејќи континентот се соочува со брзи промени во меѓународната политика и трговија.
„Време е Европа да се разбуди, да излезе од својот геополитички малцински статус. Ако не одлучиме сами, ќе бидеме збришани“, рече Макрон во интервју во Елисејската палата за неколку светски медиуми, вклучувајќи ги „Паис“, „Зидојче цајтунг“, „Фајненшл тајмс“ и „Ле Монд“.
Францускиот претседател предупреди дека стратегијата на смирување кон САД и другите геополитички сили не функционира и ја повика Европа итно да ја зајакне својата интеграција за да се подготви да се соочи со „трајната нестабилност“ што претстои.
„Мислам дека најдобриот начин е да се намали ризикот, да се намалат зависностите и сами да се донесуваат одлуки, наместо да се чека следната криза“, рече Макрон.
Тој додаде дека САД требало „засекогаш да ја гарантираат енергетската безбедност на Европа, но тоа сега е неизвесно“.
„Русија требаше засекогаш да снабдува евтина енергија, а тоа не го прави веќе три години. А Кина, која некогаш беше извозен пазар за многумина, стана сè пожесток конкурент“, рече францускиот претседател.
Според него, Европејците имаат силни позиции, но „реагираат премногу бавно“ и треба да ја потврдат својата позиција како глобална суперсила, со повеќе „заедничко лидерство“ на континентот.
„Ако одлучиме да бидеме набљудувачи, ќе бидеме вазали“, рече Макрон, нарекувајќи го тоа „момент на Гренланд“, истакнувајќи дека интересот на САД за територијата на нивниот сојузник во НАТО треба да биде повик за будење за европските лидери.
Францускиот претседател рече дека кризата поврзана со Гренланд не е завршена и дека станува збор за длабок геополитички прекин.
The post „Ако Европа не се разбуди, ќе бидеме збришани“ – Макрон предупредува за геополитички колапс appeared first on Во Центар.



