Сите притисоци кои се обидуваат да ги направат, нема да нѐ откажат. Никој на никого не смее да му се плаши. Ако се плашат од еден човек, веројатно се плашат и од 21, веројатно се плашат и од 2000, изјави денеска претседателот на Сојузот на синдикати Слободан Трендафилов откако денеска и премиерот Христијан Мицкоски застана во одбрана на пратеничката Дафина Стојаноска која објави видео од Трендафилов и неговите малолетни деца.
-Сигурно се прашувате зошто сме тука, 21 човек на оваа локација и 21 човек подолу на раскрсницата. Затаоа што нѐ следат, затоа што ги заокружуваат луѓето и затоа што им се закануваат на луѓето да не дојдат на протестите. Одлучивме дека и во вторник ќе ја блокираме Владата на две места, по 21 човек или математички прецизно кажано, по познатата математичка формула x + y еднакво на z, рече Трендафилов пред Стопанската комора.
Ги повика работодавачите да ја прифатат понудата за зголемување на платите за 6.000 денари.
Имаа можност минатата година, кога предлагаа, баравме во нивно име, па нѐ напаѓаа поради тоа, да си подадеме рака, да ги зголемат платите на сите работници за најмалку шест илјади денари, да ја задолжиме Владата од едниот џеб во другиот џеб да ги плаќа придонесите на тие вработени кои ќе добијат за најмалку 6000 денари зголемување. Понудата е уште на маса. Им ја кажуваме од улицата. Следниот пат нема да доаѓаме со понуда. Следниот пат ќе дојдеме со генерален штрајк кој ќе ги чини нив многу повеќе од нашите работнички плати, рече Трендафилов.
Трендафилов со порака и до работниците – Ваши колеги се борат за вашите плати.
Можете да замислите што ќе беше ако се боревме осум од десет вработени? Можете да замислите што ќе беше ако од 540 илјади работници само 100.000 работници излезевте на улица? И дали денеска ќе требаше да продолжуваме со блокадите? Дали ќе треба да организираме уште еден голем работнички протест?, изјави Трендафилов.
Пешевски: Условите за работа и платите во приватниот сектор се повеќе од мизерни
Од блокадата беше испратена порака до работодавачите да се одважат и дел од колачот да го наменат за вработените со чиј труд го обезбедуваат профитот.
Напоменувам, потсетувам и за сите што не слушнале досега условите за работа, платите во приватниот сектор, се повеќе од мизерни, повеќе наликуваат на социјална помош отколку на плата достоинствена за живот. Потсетувам, напоменувам и повторувам: секое седнување на маса со претставниците од приватниот сектор, коишто се претставуваат како големи газди и работодавачи, не е социјален дијалог кој доведува до унапредување на работничките права и плати, туку, напротив, пробуваат да скратат сето она што синдикатот го обезбедил во минатото како единствен репрезентативен синдикат при Сојузот на синдикати на Македонија во приватниот сектор. Ги повикуваме господава горе да се одважат, да седнат и еднаш засекогаш да договориме фер и достоинствени услови за работа, достоинствени плати, а не да глумат држава во држава и да кажуваат на Владата како треба и што треба, изјави Иван Пешевски, претседател на Синдикатот на градежништво.
Доколку овие синдикални активности не ја натераат владата и работодавачите да ги исполнат барањата, ССМ планира да организира уште еден голем протест и генерален штрајк.
Само еден ден затворање на компаниите, затворање на институциите и затворање на државата, државата ќе ја чини многу повеќе од целогодишно зголемување на работничките плати. Односно, државата ќе ја чини многу повеќе од тоа што може да го направи сега, да прифати да ги покрие придонесите за задолжително социјално осигурување, рече Трендафилов.
Пронајдете не на следниве мрежи:


