Обвинетите во случајот Онкологија тврдат дека словенечкиот вештак Маја Равник немала целосни документи кога ги вештачела медицинските истории на пациентите лекувани на Клиниката за онкологија.
Доктор Нино Васев, кој беше тогашен директор на Клиниката за онкологија, на денешното судско рочиште и поставуваше вкрстени прашања на доктор Равник.
Васев ја праша Равник дали знае дека пациентка е исклучиво лекувана по протокол за предоперативна хемотерапија од Клиниката „Голден Кројц“ во Австрија, тврдејќи дека до точка и запирка го спроведувал протоколот кој и бил препишан на таа пациентка.
Васев зборуваше и за пациентка за која Равник смета дека и била препишувана премногу терапија „капецетабин“. Васев ја праша Равник дали знае дека често на пациентите им била издавана терапија за дома бидејќи можело да снема лек, на што Равник одговори дека многупати во документите забележала дека не само таблети, туку и ампули му се давале на пациентот на рака каде било забележано дека ќе ги прима дома или кај матичен лекар.
– Ако била препишана дупла доза поради страв дека лекот нема да е достапен зошто тоа се повторувало повеќе пати по ред, праша Равник.
Во однос на лекот „ипилибумаб“ за кој Равник тврдеше дека е индициран за пациентка, Васев тврдеше дека таков лек никогаш не бил набавен на Клиниката за онкологија.


