Извори од Пентагон: Американската војска се подготвува за неколкунеделни операции против Иран

Американски функционери кои зборуваа под услов на анонимност за Ројтерс изјавија дека американската војска се подготвува за можноста за продолжени, повеќенеделни операции против Иран, доколку претседателот Доналд Трамп нареди напад.

Планирањето на потенцијална кампања против Иран, за која американските претставници зборуваат под услов на анонимност поради чувствителната природа на темата, дополнително ги зголемува влоговите во сегашната дипломатска иницијатива меѓу Вашингтон и Техеран.

Во текстот се наведува дека целта на подготовките на армијата е да може да изврши не само поединечни напади, туку и проширена серија операции што би траеле со недели, доколку се нареди.

САД и Иран неодамна ги обновија контактите преку разговори во Оман, обидувајќи се да ја оживеат дипломатијата околу нуклеарната програма на Иран откако Трамп испрати дополнителни воени сили во регионот, зголемувајќи ги стравувањата од нов воен конфликт.

Официјални лица изјавија дека Пентагон во петокот одлучил да испрати дополнителен носач на авиони на Блискиот Исток, заедно со илјадници војници, борбени авиони, уништувачи вооружени со наведувани ракети и други капацитети способни за спроведување и одбрана од напади.

На прашањето за подготовките за потенцијално продолжена американска воена операција против Иран, портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, изјави: „Претседателот Трамп ги има сите опции на маса кога станува збор за Иран“. Таа додаде дека тој „слуша различни перспективи за кое било прашање, но ја носи конечната одлука врз основа на тоа што е најдобро за нашата земја и националната безбедност“. Пентагон, сепак, не сакаше да коментира за овие обвинувања.

Операцијата „Полноќен чекан“ во јуни беше опишана како еднократен американски напад, за време на кој невидливи бомбардери полетаа од САД и ги погодија нуклеарните постројки на Иран, по што Иран започна ограничен одмазднички напад врз американската база во Катар.

Според официјалните лица, планирањето што е во тек сега е значително посложено од претходните операции. Во случај на продолжена кампања, американската војска би можела да ги таргетира државните и безбедносните институции на Иран, а не само нуклеарната инфраструктура. Истиот извор нагласи дека ризиците за американските сили би биле многу поголеми, со оглед на ракетниот арсенал на Иран и можноста за поширок регионален конфликт.

Функционерот наведува дека САД целосно очекуваат иранска одмазда, со потенцијална размена на напади и контранапади во одреден временски период. Белата куќа и Пентагон не одговорија на дополнителни прашања за ризиците од одмазда или ширењето на конфликтот во регионот.

Трамп постојано се закануваше дека ќе го бомбардира Иран поради неговите нуклеарни и балистички ракетни програми и поради потиснување на внатрешното несогласување, а во четвртокот предупреди дека алтернативата на дипломатското решение „би била многу трауматична, многу трауматична“.

Официјалните лица, исто така, го истакнуваат состанокот меѓу израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и Трамп во Вашингтон, каде што Нетанјаху рече дека, доколку се постигне договор со Иран, „тој мора да вклучува елементи што се од витално значење за Израел“.

Иран, од своја страна, изјави дека е подготвен да разговара за ограничувања на својата нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите, но ја отфрли можноста за поврзување на прашањето со неговата ракетна програма.
The post Извори од Пентагон: Американската војска се подготвува за неколкунеделни операции против Иран appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: