Министерството за образование и наука од денеска почнува со посета на универзитетите во земјава во рамки на јавната расправа за Законот за високо образование.
Како што најави министерката за образование и наука Весна Јаневска, МОН ќе има средба со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе бидат дискутирани спорните членови.
Јаневска порача дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите и најави дека неделава, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.


