Социјалдемократскиот сојуз обвинува дека има обиди за врбување на членови на партијата за приклучување кон нов политички субјект во земјава т.н. Српска демократска лига. Врбувањето, според СДСМ, се прави со финансиска помош на ВМРО-ДПМНЕ со цел да ослаби СДСМ како опозициска партија.
– Станува збор за т.н. „Српска демократска лига“, директна копија на Српската лига, со изразен проруски наратив и отворена поддршка на политики кои не се во интерес на европската иднина на Македонија. Во ова сценарио се споменува и Саша Богдановиќ како можен претседател, поради неговите директни релации со структури блиски до СНС, со задача да ја игра улогата како ЗНАМ, велат од СДСМ.
Обидите за врбување, според СДСМ, биле неуспешни.
– Разговори се водат и со поединци кои се уценуваат или се обидуваат да бидат купени со финансиска поддршка обезбедена од ВМРО. Целта е јасна: раздробување на гласовите и слабеење на единствената вистинска опозиција – СДСМ. Затоа се постојаните напади врз СДСМ. Затоа не престануваат црните кампањи. Затоа се обидите за внатрешно разнебитување. Нема одговор за 5 тони дрога но затоа има дефокус и нова сателит – партија, велат од СДСМ.


