“Авиончето на браќата Рајт” ја отвори дилемата дали имаме најстар владин авион

Нашиот владин авион е најстар и најмал. Го нарекуваат авиончето на браќата Рајт, тврди претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, која денеска во изјава за медиумите, застана на иста линија со Владата и размислувањата за набавка на нов владин авион.
Сиљановска-Давкова смета дека користењето на владин авион во дадени ситуации е поисплатливо од комерцијалните летови.
– Не е многу пријатно. И самата кажувам дека секогаш имам дилема кога немам друг избор, бидејќи знам дека е старо 25 години, а е купено на старо, вели Сиљаноска-Давкова.
Вели дека купувањето на нов, поголем владин авион би било долгорочна и порационална инвестиција.
Идејата за набавка на нов државен авион неодамна ја отвори директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски. Образложението за купување на нов авион, е дека сегашниот владин авион е склон на чести поправки и е мал за со него да се превезува делегагација.
По реакциите во јавноста, вчера премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите рече дека Владата ќе се повлече од оваа идеја.
– Ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и починеме, претпоставувам дека ќе стане јасно дека дебатата за некоја идна влада и идни премиери е неспредметна, изјави Мицкоски.
Од опозициската СДСМ денеска контра изјавата на претседателката за староста на владиниот авион. Велат дека не е точно дека летот со владиниот авион е поевтин од комерцијалните летови и тврдат дека постари владини авиони од нас имаат и Хрватска, Словенија, Црна Гора….
– Бидејќи староста на владиниот авион во Македонија е околу 20 години. Хрватскиот владин авион е постар – 27 години, словенечкиот авион исто така, 23 години, а двете земји се членки на ЕУ. Црногорскиот владин авион е исто така постар, 27 години, укажува СДСМ.

Пронајдете не на следниве мрежи: