Шест компании ќе останат без лиценците за одгледување марихуана

За најмалку шест компании кои имаат лиценца за одгледување на медицинска марихуана во тек е постапка за одземање на лиценцата, открива министерот за здравство Азир Алиу.
Алиу за телевизија Телма не сакаше да ги открие имињата на компаниите најавувајќи дека процесот ќе заврши во вторник и дека тогаш ќе бидат соопштени имињата на компаниите кои не ги исполнуваат условите.
– Од досега процесираните компании, од десет најмалку шест, сега се во постапка на одземање на лиценците, затоа што не ги исполнуваат условите за лиценцирање предвидени во законот, изјави Алиу за Телма.
Ова доаѓа откако во Србија беа откриени пет тони марихуана увезени од Македонија.
Екипата на „Код“ откри детали како се одвивал транспортот на марихуаната. Петте тони марихуана биле извезени од Македонија како квалитетни лесни перници кои требало да бидат увезени во Манчестер, Англија.
Според сознанијата на „Код“, марихуаната била спакувана во двојно најлонско пакување односно прво била спакувана во помали најлонски кеси, а потоа ставена во поголема и подебела најлонска кеса и затворена во кутии со цел да се намали мирисот на цветот на марихуната за да не ја осетат кучињата трагачи или царинските службеници.

Возачот Александар Ивановски, кој е уапсен во Србија, глатко ја поминал границата и не минал низ детална проверка ниту на македонската, ниту на српската граница. Бил регистриран излез и транзит на перници кои одат за Англија.
Шверцот е реализиран на 13 јануари. За да ја скријат трагата, на паркинг пред селската црква во Сарамзалино, перниците биле извадени од камион кој претходно ги поминал шпедитерските формалности и имал декларации дека извезува перници за Англија. Перниците биле ставени во друг камион и однесени, а празниот камион се упатил кон локацијата во Свети Николе каде е натоварена марихуаната.
Луѓето кои биле ангажирани за утовар на марихуаната биле истите кои потоа и ја растоварале марихуаната во Србија. Тие биле претходница на камионот со марихуана на граница.

Пронајдете не на следниве мрежи: