Министерството за внатрешни работи соопшти дека утрово во 06:10 часот на граничниот премин Блаце е лишен од слобода поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
Според информациите од МВР, на 23 февруари 2026 година, при влез во Република Северна Македонија, Груби (роден на 7 јуни 1977 година), за кого била активна мерка „апси“, бил приведен и задржан за понатамошна постапка.
Тој е опфатен со истрага поврзана со сомнежи за злоупотреба на службената положба, корупција и прекршување на процедурите за јавни набавки, во рамки на случајот што се однесува на работењето и договорите на Државната лотарија на Северна Македонија.
Според обвинителството, предметот се однесува на одлуки и договори за кои постои сомнеж дека предизвикале значителна финансиска штета на институцијата, проценета на околу 500 милиони денари, односно над осум милиони евра. Во истрагата се наведува дека преку спорни постапки биле фаворизирани одредени економски субјекти.
Судот претходно му одредил мерка притвор, а надлежните органи го имаа распишано поради непојавување пред правосудните институции.


