ДУИ: Позитивно го оценуваме враќањето на Груби, очекуваме фер и транспарентна постапка

 

Артан Груби се врати во земјата, а од Демократска унија за интеграција (ДУИ) соопштија дека ја поздравуваат неговата одлука и очекуваат процесот да се одвива во фер и транспарентна атмосфера.

Од партијата наведуваат дека со враќањето на Груби се создава можност преку правична и непристрасна постапка да се изнесат сите аргументи и да се разјаснат сите прашања поврзани со случајот.
„Очекуваме процесот да се одвива во согласност со највисоките стандарди на владеење на правото – со високо ниво на транспарентност во интерес на јавноста, но пред сè со целосно почитување на презумпцијата на невиност и со заштита на индивидуалните права и слободи“, се наведува во соопштението.
ДУИ истакнува дека останува на ставот оти правдата мора да биде еднаква за сите, без селективност, без двојни стандарди и без политички влијанија.
„Само правична и професионална постапка ѝ служи на вистината, на институциите и на довербата на граѓаните“, додаваат од партијата.
Имајќи го предвид високиот политички и јавен интерес за случајот, од ДУИ велат дека внимателно ќе го следат процесот во сите негови фази.

Пронајдете не на следниве мрежи: