Предлог-законот за минимална плата со кој се бара минимална плата од 600 евра денеска влегува во собраниска процедура.
Поднесен од опозициската СДСМ, со законот се бара минималната плата да биде 600 евра поради континуираниот раст на инфлацијата и зголемените трошоци на живот кај основните прехранбени производи.
– Поскапувањата кај храната и основните животни намирници, како и растот на цените на електричната енергија, греењето и услугите, реално ја намалуваат куповната моќ на работниците, особено на оние кои примаат минимална плата. И покрај законски утврдениот механизам за усогласување, динамиката и интензитетот на инфлаторните притисоци во 2025 година укажуваат дека постојното ниво на минималната плата не обезбедува доволна заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците на едно просечно домаќинство. Ова особено се одразува врз најранливите категории на работници, кај кои минималната плата претставува единствен или доминантен извор на приходи, се наведува во образложението од Законот.
За спроведување на предложениот закон потребни се дополнителни финансиски средства во износ од 7.500.000.000 денари.
Во Предлог-законот, опозицијата ги наведува и ставките од кои може да се обезбедат овие средства како што се кратење од делот наменет за стоки и и делот за субвенции и трансфери во ставката „Разни трансфери“.
Предлог-законот денес ќе се разгледува на Комисијата за економски прашања по што треба да биде ставен на усвојување на пленарна седница.
Дали пратениците од владејачкото мнзоинство ќе го поддржат ваквото законско решение за зголемување на минималната плата ќе се види на пленарна седница.
Засега, Владата останува на ставот дека за зголемувањето на минимнаната плата треба да се договорат синдикатите и работодавачите и дека таа како работодавач си го решила проблемот со платите на вработените во јавниот сектор притоа заборавајќи дека согласно МОТ социјалниот дијалог е трипартитен и дека е избрана од сите граѓани, а не само од граѓаните од јавниот сектор.


