Фирма од Косово осудена за токсичен мазут ќе го снабдува РЕК Битола, тврди Левица

Фирма од Косово осудена за криминал со токсичен мазут ќе го снабдува РЕК Битола, тврди политичката партија Левица. 
Оттаму велат дека најновиот тенддер на ЕСМ за увоз на јаглен вреден седум милиони евра го доби фирмата  „ХИБ Петрол Груп”, чиј сопственик во 2014 година бил правосилно осуден на четири години затвор и парична казна, затоа што испорачувал мазут со околу 80 проценти повисоко ниво на сулфур од дозволеното.
– Компанија која е осудена за тешки дела против здравјето на луѓето (со продажба на токсичен мазут) сега ќе треба да обезбеди 150.000 тони јаглен за РЕК Битола! Делењето тендери на фирми со криминално минато стана пракса откако ЕСМ е раководено од директорот Лазо Узунчев, кој без никаква експертиза и искуство во енергетскиот сектор беше поставен да го води ова значајно државно претпријатие – само заради личните односи со Мицкоски. Левица и претходно алармираше дека ЕСМ дели тендери на фирми кои се под истрага за криминал, како што беше договорот за јавна набавка со компанијата „Руд Коп”, која е под истрага за криминал од 3 милиони евра, велат од Левица.
Апелираат финансиската полиција сериозно да ги истражи договорите за јавни набавки и финансиските резултати што ги остварува ова државно претпријатие.

Пронајдете не на следниве мрежи: