Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска уверува дека состојбата со енергенсите во моментот е стабилна и дека има доволно резерви. Состојбата, вели, се следи будно на дневна основа.
Министерството за финансии, како што појаснува, може да реагира откако ќе се прогласи кризна состојба, но таква одлука засега не е донесена.
Во вторникот немаше предлог за кризна состоба затоа што имавме намалување на цените на нафтата. Правиме споредба и со она што се случуваше во 2022 година. Точно на 12 март 2022 година цената на нафтата била 117 долари за барел, а денес имаме состојба во која цената на нафтата е околу 100 долари за барел. Сега имаме сосема различна состојба за разлика од 2022 година, вели Димитриеска-Кочоска во интервју за Канал 5 телевизија.
На состанокот со нафтените компании, вели Димитриеска-Кочоска, нафтените компании потврдиле дека имаат доволно резерви.
– Можам одговорно да тврдам дека ги прашавме секоја од нафтените компании дали имаат проблем. Одговорот на прашањето зошто на одредени бензински пумпи немало нафта беше дека имаат во нивните складишта и дека им треба време да ја транспортираат до бензинските пумпи. Ниту еден не кажа дека се соочува со каков било проблем од недостиг, истакна Димитриеска-Кочоска.
Не се согласува со критиките на опозицијата дека Владата доцни со мерките затоа што вели дека состојбите сега и во 2022 година се сосема различни.
– Имавме инфлација која беше многу повисока од тоа што ја имаме денес. Во 2022 година во месецот кога ги воведоа мерките има номинален раст на платите од 10 проценти, а реален 1,2 проценти односно инфлацијата била 8,8 проценти, а растот на храната бил 11,4 проценти. Денес имаме состојба каде има реален раст на платите во однос на инфлацијата, а растот на храната е понизок,вели Димитриеска-Кочоска.
За можниот скок на цените на храната, Димитриеска-Кочоска рече дека на состанокот со маркетите било договорено дека доколку тие забележат промени во влезните цени, да го информираат Пазарниот инспекторат.
– Нема да дозволиме да ни се случуваат воени профитери. Ја следиме состојбата внимателно, вели Димитриеска-Кочоска во интервјуто за Канал 5.


