Во среда на собраниска седница е изборот на новиот државен јавен обвинител. Предлог на Владата е тоа да биде Ненад Савески, судија во Кривичниот суд во Скопје. За Савески да биде избран за нов државен обвинител потребни се најмалку 61 глас.
На огласот за нов државен јавен обвинител по оставката на Љупчо Коцевски се пријавија пет кандидати од кои Владата го избра Савески.
Позитивно мислење од Советот на јавни обвинители добија четворица од петте пријавени кандидати – в.д. државната јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска и обинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.
Поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски, кој исто така конкурираше за оваа функција, не доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители со образложение дека не ги исполнува условите предвидени со законот во однос на работниот стаж.
Местото државен јавен обвинител остана непотполнето откако во декември лани оставка од функцијата поднесе Љупчо Коцевски, дента кога беше закажана неговата интерпелација во Собранието поднесена од пратеници од владејачкото мнозинство. Коцевски тогаш на прес-конференција соопштувајќи ја одлуката за оставка рече дека е постапката за негово разрешување има политичка позадина.
– Од почетокот тврдев дека евентуалната постапка за мое разрешување е политичка одлука, затоа денеска поднесов неотповиклива оставка од функцијата, изјави Коцевски на 16 декември лани.


