Ахмети со нон-пејпер ги алармира амбасадите: Уставниот суд стана параполитичка институција!

Лидерот на опозициската ДУИ го обвинува Судот пред странските претставници дека носи етнички одлуки, врши мајоризација, веќе го укинал „балансерот“, чепка во албанскиот јазик, а под закана се и „хашките случаи“, односно Законот за амнестија. Ахмети е загрижен и дека Гоце Наумовски е избран за нов уставен судија бидејќи бил советник на Мицкоски и брат на Васко Наумовски, поранешниот вицепремиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети ги алармира меѓународните партнери дека Уставниот суд со отворањето на исклучително чувствителни прашања може да ги дестабилизира меѓуетничките односи во земјава. Преку нон-пејпер до кој дојде „Слободен печат“, Ахмети го обвинува Судот пред странските претставници дека се трансформирал во параполитичка институција, носи етнички одлуки, врши мајоризација, веќе го укинал „балансерот“, чепка во албанскиот јазик и под закана се „хашките случаи“, односно Законот за амнестија.
ДУИ веќе побара претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски да поднесе оставка, откако беа отфрлени сите иницијативи пред овој суд за Законот за прекршоци, а не исклучува дека ќе бара и негова кривична одговорност, бидејќи го „урива“ уставниот поредок на земјава. Лидерот на ДУИ токму со овие аргументи врши притисок пред странците за воведување на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, односно одлуките за законите донесени со двојно мнозинство, Судот да ги носи според Бадентеровиот принцип.
Прашања што произлегуваат од Охридскиот договор
– Од формирањето на сегашната Влада се отворија теми што директно влијаат врз прашањата што произлегуваат од Охридскиот договор, какви што се: албанскиот јазик, механизмот за правичната и соодветна застапеност, намалувањето на бројот на општински советници со неправедно и незаконско исклучување на дијаспората, „хашките случаи“ поврзани со настаните од 2001 година и Законот за амнестија – пишува во нон-пејперот.
Според ДУИ, сериозна загриженост е фактот што Уставниот суд постојано носи одлуки со изразени етнички поделби за сите наведени прашања, а како пример ја посочуваат одлуката за укинување на „балансерот“. Партијата на Ахмети за ваквите одлуки на Судот директно ја обвинува Владата на Христијан Мицкоски. За Законот за употреба на јазиците се вели дека е изготвен реферат од 75 страници под голем политички притисок и дека се предлага поништување на 18 одредби од Законот.
– Поради силните јавни реакции, протести и зголемени тензии во јавноста, седницата беше одложена со образложение дека треба да се одржи подготвителна седница што досега не е одржана. Во истиот проблематичен контекст, Уставниот суд отвори и се осврна и на други многу чувствителни прашања. Меѓу нив останува одлуката за намалување на бројот на општински советници, како и иницијативата поврзана со „хашките случаи“, поднесена од Павле Трајанов. За „хашките случаи“, процесот е во тек и се очекува ова прашање да генерира широк јавен интерес, бидејќи директно влијае врз Законот за амнестија – пишува во нон-пејперот.
Оттаму додаваат дека пред Уставниот суд е и иницијативата во врска со Протоколот со Бугарија, прашање од особено политичко и државно значење. Досегашната практика, според ДУИ, остава простор за сериозна загриженост, бидејќи честопати создавала впечаток дека политичката динамика надвор од институцијата директно влијае врз исходот од донесувањето одлуки во Уставниот суд.
Ахмети е загрижен и дека Гоце Наумовски е избран за нов уставен судија бидејќи тој бил советник на Мицкоски и брат на поранешниот вицепремиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – Васко Наумовски.
Опасност од понатамошна поларизација и дестабилизација
– Со создавањето мнозинство од пет гласа, постои реален потенцијал за насочување на донесувањето одлуки за чувствителни прашања, поради што развојот на настаните во оваа институција мора да се следи со најголема сериозност и загриженост. Уставниот суд се трансформира во параполитичка институција, повторно отворајќи прашања што се одамна решени и поставува прашања и сомнежи кон одлуките и законите што се донесуваат со двојно мнозинство, без професионална аргументација и основа. Иако јавноста сè уште не е информирана за некои од овие случувања, сметаме за потребно да ве информираме вас, нашите меѓународни партнери, и да ве поканиме внимателно да ги следите случувањата во Уставниот суд. Отворањето на овие прашања, без професионална основа и аргументација, а и по етнички линии, може да предизвика понатамошна поларизација и политичка и социјална дестабилизација – се вели во нон-пејперот.
 Во документот што е испратен до амбасадите се вели дека ДУИ е клучен фактор за мир, стабилност и меѓуетнички соживот и дека останува посветена на градење праведна, функционална и целосно интегрирана држава во евроатлантските структури. ДУИ цврсто верува дека унитарниот карактер на државата не е ослабен од етничката разновидност, туку се зајакнува само кога сите граѓани и заедници се чувствуваат вистински застапени и вклучени во процесите на донесување одлуки. Дека одржливото единство се гради врз двојна легитимност, меѓуетнички консензус, меѓусебно почитување и доследно спроведување на Охридскиот договор.ДУИ ги информира странците дека предлага три фундаментални мерки:

– Избор на влада со Бадентер, односно секој нов состав на владата да ја добие поддршката од Собранието, не само со општо мнозинство пратеници, туку и со мнозинство пратеници што ги претставуваат немнозинските заедници. Принципот на Бадентер во формирањето влада не е блокада, туку инструмент на коуправување и меѓуетничка кохезија на највисоките нивоа на донесување одлуки.
– Имплементација на принципот на Бадентер во Уставниот суд и
– Продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа. ДУИ поддржува нова фаза на функционална и фискална децентрализација, како механизам за зајакнување на локалната демократија и зголемување на ефикасноста на државата.
ДУИ останува на позицијата дека е потребен целосен и сеопфатен ветинг, а на меѓународните партнери им го објаснил и новиот национален договор за напредок.

Пронајдете не на следниве мрежи: