Сојузот на синдикати на Македонија денеска во 12:05 часот го почнува големиот протест за зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за 100 евра.
Протестот ќе почне од зградата на Работничкиот дом и ќе се оди по истата траса како на протестот од 28 јануари. Она што ќе биде поразлично на овој протест е тоа што на него ќе присуствуваат работници од цела држава.
– Барањето за зголемување на минималната плата за 200 евра е оправдано затоа што работниците во Македонија тонат во сиромаштија. Околу 160.000 работници според податоците на Управата за јавни приходи имаат плата под прагот на сиромаштијата или под 31,200 денари, изјави вчера претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на прес-конференција.
Според ССМ, во последните две години синдикалната потрошувачка кошничка е зголемена за повеќе од 10.000 денари наспроти усогласувањето на минималната плата од 1.600 денари што го ветува Владата.
Од ССМ посочуваат и на можни нови поскапувања по случувањата на Блискиот Исток.
Денешниот протест следи откако ССМ претходно организираше масовен протест на 28 јануари и блокади на институциите барајќи зголемување на платите поради зголемените трошоци за живот.
Владата останува на ставот минималната плата да се зголеми само за 1.600 денари според законското усогласување, а за интерветно зголемување да се усогласат синдикатите и работодавачите.
Премиерот Христијан Мицкоски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, сметаат дека протестот е политички.
Поради протестот денеска за сообраќај ќе биде затворен центарот на Скопје.


