Мицкоски: Трагедијата во Кочани е настаншто не се мери со време, туку со болка

  Постојат настани во историјата на една држава кои не се мерат со време, туку со болката што ја оставаат зад себе. Трагедијата во Кочани е еден од тие настани. Таа беше трагедија на еден град, но и трагедија која ја потресе целата наша држава и која засекогаш ќе остане врежана во колективното сеќавање на нашето општество, рече премиерот Христијан Мицкоски во воведното обраќање на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, што се одржува денеска во Скопје.

– Денес сме собрани овде со чувство на длабока почит, но и со силно чувство на емпатија. Почит кон оние кои ги изгубија своите животи. Почит кон семејствата кои ја носат болката на загубата. Почит кон повредените кои веќе една година водат тивка и храбра борба за закрепнување. Но, истовремено, денес сме собрани и со чувство на одговорност. Одговорност да се сеќаваме. Одговорност да учиме. И одговорност да создадеме системи кои ќе бидат посилни од пропустите што доведуваат до трагедии. Оваа конференција е обид трагедијата да се претвори во знаење, искуството да се претвори во лекција, а лекцијата во конкретни решенија, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека денот на несреќата бил не само негов најтежок ден како премиер, туку и најтежок ден во неговиот живот.
– Оваа голема несреќа се случи само 8 месеци откако јас станав премиер. Само 8 месеци од моето управување со државата се случи да се плати сметката за еден девастиран систем кој беше уништуват со децении. Денот на несреќата не беше само најтешкиот мој ден како премиер, туку тоа беше најтешкиот ден во мојот живот како човек. Кој е виновен за сето ова? И јас го поставувам ова прашање и на ова мора да даде одговор не некаков преки суд, не јавноста туку обвинителството и судовите, рече премиерот.
Мицкоски посочи дека мора да говориме и за вината во креирањето на тој систем кој потфрли, каде со децении и години, како што кажа, се креира тоа диво месо кое стигна до нашите најмили.

– Луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку судбини, личности, рече премиерот. Алексова Стефанија, Џамов Јорданчо, Трајчев Иван, Ѓоргиев Џоко, Коларов Александар, Величков Иван, Стојанов Андреј, Антова Ивона, Христовски Павел, Димитријев Диме, Насевски Никола, Богданов Тоше, Тодоровски Тоше, Коцева Ана, Живков Адријан, Петрушов Гордан, Горгиев Игорче, Стевановски Филип, Стојанов Томче, Стоименова Моника, Стојанов Стојанчо, Пројковска Николовска Capa, Шопова Марија, Ивановски Петар, Ѓорѓиев Александар, Марковски Матеј, Закова Бојана, Василков Ѓорѓи, Петров Александар, Минова Драгана, Алексова Capa, Ѓорѓиески Андреја, Ивановски Филип, Јорданова Capa, Стрезоска Марија, Ефремов Александар, Велков Игор, Тасева Стојковска Лепа, Атанасовски Мартин, Алексов Александар , Минов Божидар, Милковска Кети, Златков Томас, Соколова Стефанија, Велков Леонид, Наунова Надица, Јорданов Виктор, Панов Андреј, Иванов Димитар, Стоименов Спиро, Владимиров Јове, Андонов Ице, Тасевски Стефан , Величков Ѓорѓи, Стојанов Александар, Христова Сања, Танески Дамјан, Спасова Моника, Лазаров Андреј, Карадакоски Александар, Гавриловски Александар , Стефанов Стојанче, Блажев Владимир Панчо. Слава им, рече премиерот, додавајќи дека нашата мисла е денес со нив и со родителите кои ги загубија своите деца и со сите оние чии животи засекогаш се променија.
Мицкоски истакна дека во исто време трагедијата остави и друга трага – трага на солидарност и оти хероите никогаш нема да бидат заборавени.

Премиерот рече дека трагедијата ја отвори и страната на човечноста, солидарноста и чувството дека никој не смее да остане сам во најтешките моменти.
Тој рече дека сите овие активности имаат една заедничка цел: да се обезбеди долгорочна грижа и достоинствена поддршка за луѓето кои беа најтешко погодени од трагедијата, но, посочи, оваа обврска не завршува со една година, туку грижата за пациентите и поддршката за семејствата остануваат долгорочна задача на институциите.

Пронајдете не на следниве мрежи: