Северна Македонија е меѓу земјите со делумни ограничувања на интернетот, покажува нова глобална анализа за интернет слободата во 2026 година. Кои држави се најслободни, а каде интернетот е строго контролиран?
Македонија е меѓу земјите каде интернетот е достапен, но со одредени ограничувања, особено кога станува збор за политичка и граѓанска онлајн комуникација, покажува новата глобална анализа за интернет слободата во 2026 година, објавена од Cloudwards.
Според извештајот, интернетот во земјата не е строго цензуриран како во авторитарните режими, но сепак е означена како „restricted“ (ограничена) во делот што се однесува на политички и граѓански содржини на интернет.
Тоа значи дека социјалните мрежи, веб-страниците и VPN услугите генерално се достапни, но постојат правни, институционални или политички фактори што можат да влијаат врз начинот на кој се користат и регулираат.
Во истата категорија со Македонија се и неколку други европски земји, меѓу кои Грција, Полска, Словенија, Косово, Молдавија и Црна Гора. За разлика од нив, дел од северноевропските држави се на самиот врв на листата со речиси целосна интернет слобода.
Европа со најголем број слободни интернет простори
Анализата покажува дека Европа доминира меѓу земјите со најголема интернет слобода. Дури седум од 11 држави со највисок резултат – 92 поени се европски.
На врвот се Финска, Исланд, Норвешка, Данска, Белгија, Словачка и Лихтенштајн. Во овие земји граѓаните можат без ограничувања да пристапуваат до социјални мрежи, политички содржини и различни дигитални услуги, а употребата на VPN е легална и широко распространета.
Слично високи оценки имаат и Нов Зеланд, Костарика, Суринам и Тимор-Лесте, земји од различни делови на светот кои, според анализата, нудат најслободна дигитална средина за своите граѓани.
Истражувањето укажува дека овие држави најчесто имаат и високи оценки за демократски стандарди, слобода на медиумите и граѓански права, што директно се одразува и врз слободата на интернетот.
Интернетот како поле за политичка контрола
Цензурата на интернет може да има различни форми. Во некои случаи станува збор за регулирање на говор на омраза, борба против дезинформации или заштита на малолетници од одредени содржини.
Но во голем број држави интернетот се користи и како алатка за политичка контрола. Владите можат да блокираат веб-страници, да ограничуваат пристап до социјални мрежи или да следат онлајн активности на граѓаните.
Во поекстремни случаи, објавување критика кон власта на интернет може да резултира со казни, судски процеси или дури и затвор.
TRN


