Италија ја предупреди Русија дека нејзиниот танкер во Медитеранот е „темпирана бомба“

Санкционираниот руски танкер „Арктик Метагаз“, натоварен со течен природен гас (ЛНГ), претставува растечка закана во Медитеранот. На бродот нема екипаж, а од едната страна има дупка што станува сè поголема.

Официјални лица во Италија, една од деветте земји-членки на Европската унија кои испратија заедничко писмо до Европската комисија за итно дејствување, предупредија дека бродот е „еколошка темпирана бомба“.

Танкерот е дел од флота руски бродови што превезуваат нафта и гас, кои се под западни санкции поради руската агресија врз Украина. Тој беше тешко оштетен во напад со беспилотно летало претходно овој месец во територијалните води на Малта.

Крајбрежната стража на Либија ги спаси членовите на екипажот на танкерот, а властите во оваа земја првично објавија дека бродот потонал. Украина не ги коментираше наводите дека е одговорна за гореспоменатиот напад.

„Арктик Метагаз“ моментално плови јужно од италијанските територијални води и островот Лампедуза, кон Либија. Италија и Малта постојано ги следат неговите движења. Секретарот на италијанскиот Министерски совет, Алфредо Мантовано, во изјава за италијанското Радио 24 предупреди дека танкерот претставува огромен ризик и дека може да експлодира во секој момент. Тој посочи дека содржи значителна количина на течен природен гас (ЛНГ).

Покрај тоа, властите во Италија за Би-Би-Си изјавија дека бродот бил натоварен со 450 тони нафта и 250 тони дизел. Вчера бил на 45 наутички милји (83 километри) од италијанските територијални води и 40 километри од либиската зона за пребарување и спасување.

Кога танкерот беше запален претходно овој месец, рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина за „терористички напад“ врз бродот. Сепак, Украинците сметаат дека „пловилата во сенка“, како што е овој танкер, се легитимна цел.

„Бродови во сенка“ се руски бродови кои пловат со исклучени транспондери за да ги избегнат западните санкции. Украинците тврдат дека Москва ги користи за транспорт на нафта и гас, кои ги користи за финансирање на војната во Украина.

Светскиот фонд за дивиот свет (WWF) предупреди дека експлозијата на танкерот „Арктик Метагаз“ би резултирала со долгорочно загадување на област од исклучителна еколошка вредност, која е живеалиште на бројни заштитени видови, пишува Би-Би-Си.
The post Италија ја предупреди Русија дека нејзиниот танкер во Медитеранот е „темпирана бомба“ appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: