Политиката не била и нема да биде дел од мојата работа. Без оглед на тоа колку гласови сум добил, мојата работа ќе зависи од законските обврски, изјави новоизбраниот државен јавен обвинител Ненад Савески кој денеска во Собранието даде свечена заклетва.
– Тоа за мене е голема одговорност. Го познавам обвинителскиот состав и верувам во нив, и заедно со нив ќе ги задоволиме очекувањата на граѓаните во чие име, Устав и закон постапуваме ние јавните обвинители. Да бидам искрен очекував поширока поддршка. Секој кажан збор во поглед на вчерашната расправа, секој збор беше од големо значење. Товар не чувствувам, политиката е на политичките партии, никогаш не била мој интерес, ниту во минатото, ниту во иднина, рече Савески откако даде свечена заклетва пред претседателот на Собранието.
Ветува дека нема да има приоритети во судските предмети и дека за него секој судски предмет е подеднакво важен.
Савески вчера беше избран на собраниска седница со 66 гласа „за“, 8 гласа возрдржани и 2 гласа против.
Савески беше предлог на Владата од петте кандидати кои добија позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.


