Прво треба да се елиминира најблагата мерка за обезбедување присуство на осомничен или обвинет, пред да се бараат построги мерки, вели новиот државен јавен обвинител Ненад Савески. Дополнително, вели тој, условите во притворските одделенија во државата се нехумани, а секој притвореник е и трошок за државата
Наместо воспоставената пракса лесно да се ставаат осомничени и обвинети лица во затворски притвор, Савески смета дека почесто треба да се употребуваат гаранциите. Ем државата нема да има големи трошоци, ем лицето кое остава гаранција ќе биде соочено со загуба ако реши да побегне вели во интервју за 360 степени Ненад Савески новиот државен обвинител.
Мерката притвор, во правната теорија, претставува гаранција за обезбедување присуство преку ограничување на слободата на осомничено или обвинето, но de jure невино лице, затоа што има опасност да побегне, да го повтори делото кое му се става на товар или поради можност да влијае врз постапката. Долгогодишна пракса во земјава е да се бара и да се одобрува притвор и тоа затворски, во висок процент од кривичните предмети кои ги води обвинителството.
Во гостувањето во „360 степени“ на МРТ 1, негово прво интервју по изборот, говорејќи за модернизација на обвинителството, кажа дека притворот ќе биде една од темите за кои ќе воведе промени.
Савески: Сето она што произлегува од праксата на Судот во Стразбур, односно одлуките, особено одлуките коишто се однесуваат и нè коригираат нас во постапувањето, секој јавен обвинител да ги има предвид.
360°: Тука мислите, на пример, и на притворот?
Савески: Да, вклучително и на притворот, којшто се регулира со член 5 од Европската конвенција за човекови права и слободи.
Во продолжение на разговорот, Савески потврди дека не само што ќе се обиде да го пренесе овој пристап во јавното обвинителство, туку и дека ќе биде негов начин на воспоставување стандарди на постапување.
Соочен со фактот дека домашната јавност го доживува секој домашен притвор како заговор за политичка или друг тип поддршка, Савески изјави:
Ненад Савески, државен јавен обвинител
„Таа перцепција на јавноста и мене ми била предмет на анализа и веројатно се должи на сите претходни одлуки коишто ги носи јавното обвинителство или судството. Меѓутоа, токму и затоа сакав да го објаснам мојот став на вака подетален начин за да разбере јавноста дека мерката притвор не оди секогаш со секое поднесување на обвинение или отворање на истрага“.
А, како да се спречат бегства, беше следното прашање до државниот јавен обвинител.
„Па бегствата можат многу ефикасно да се спречат со гаранции. Гаранциите се доста ефикасна мерка за обезбедување присуство. Тоа е мерка којашто упатува токму на моиве ставови коишто претходно ги изразив. Доколку некој побегне, а оставил гаранција – тој имот, недвижен или подвижен имот, како и да е, има одредена вредност. Таа вредност, доколку побегне, останува сопственост на нашата држава. Којашто, нели, ако можам така да се изразам, имаме финансиска состојба за којашто треба да водиме сметка – тие финансиски средства, тој капитал, со продажба на тој капитал, станува дел од буџетот и е на располагање на сите граѓани, вклучително и на правосудните институции“,вели Савески.
Тој што создал капитал, логично е да се претпостави дека сака и да го задржи, вели Савески.
Савески најавува дека ќе се одржи средба со обвинителите кои постапуваат во еден од актуелните предмети за пожарот во Кочани, со цел подобро запознавање со моменталните околности и текот на доказната постапка. Според оценките, предметот се наоѓа во рана фаза, а дополнителни ставови ќе можат да се формираат кога ќе постои поцелосен увид во материјалите и фактите.
Нагласува дека не постои намера за влијание врз работата на обвинителите и дека секој од нив треба да одлучува независно, согласно принципите на самостојност и професионалност. Во рамки на институцијата постои хиерархиски систем, но целта е, вели државниот обвинител, тој да не влијае на независното постапување и да се овозможи донесување одлуки исклучиво врз основа на докази.
Во врска со јавните реакции, појаснува дека професионалната улога подразбира воздржување од емоции, иако во одредени предмети јавноста покажува засилен интерес поради самата природа на случаите.
Савески вели дека се надева дека извршната власт ќе ја разбере важноста за стабилно и финансиски поддржано Јавно обвинителство. Неговиот аргумент, за кој рече дека ќе му го каже и на премиерот Мицкоски, е дека не може сиромашно обвинителство соодветно да се за бори против богатиот криминал.
-И претходно сум кажал и денес сакам да повторам – основната работа на јавните обвинители е да откриваат и гонат сторители на кривични дела. Со недоволни финансиски средства не може да се очекува квалитетно вршење на овие активности. За да може да се следи криминалот и чекорот по кој се движи криминалот, ние мора да имаме финансиски средства. Факт е дека криминалот е богат. Факт е дека и од претходните раководители на јавното обвинителство беше истакнувано дека се потребни финансиски средства. Така што, апсолутно стојам на тоа дека јавното обвинителство треба финансиски да се поддржи онолку колку што е потребно, а услови за гонење и за откривање на криминалот мора да се создадат. Една од основите, секако, е финансиската поддршка – нагласи Савески.
Во однос на изјава на премиерот дека нема простор за повисоки плати за обвинителите, но има за зајакнување на ресурсите, Савески изјави дека финансискиот статус на јавните обвинители исто така е битен.
-Финансискиот статус на јавните обвинители е и една од гаранциите за нивно независно постапување. Платите какви што се денес не можат да бидат оправдување за некој јавен обвинител соодветно да не си ја врши професијата, односно јавнообвинителската работа. Тоа дека треба да се подобри финансискиот статус на јавните обвинители, треба и тоа вообичаено е во чекор со финансискиот статус на судиите. Статусот на јавните обвинители од финансиски аспект не треба да се разликува од статусот на судиите. Тоа се стандарди кои важат во сите демократски општества. Ние сме дел од демократските општества и се стремиме кон градење на демократски стандарди, нагласи Савески.
Во моментот во Собранието во тек е процедура за усвојување на нов закон за јавно обвинителство, во кој буџетот на јавното обвинителство е определен како најмалку 0,4 отсто од даночните приходи за тековната година, а Савески вели дека тоа не е финален текст и оти очекува дури и се надева дека тоа ќе биде коригирано.
-Овие денови доста се расправа токму за тој дел од законот и очекувам дека пратениците ќе имаат разбирање за потребите од финансиска реална поддршка, како што кажав и претходно, односно и законодавната и извршната власт имаат задача да создадат услови јавното обвинителство да ја врши својата дејност онака како што очекуваат граѓаните на нашата држава, нагласи Савески.


