ТАЈНАТА НА СИНГАПУР Ѕирнете во „ Азискиот Fort Noks“, каде што богатите чуваат злато, уметнички дела, па дури и фосил од диносаурус!

Во строго чуваниот комплекс Ле Фрипорт , кој многумина го нарекуваат „Форт Нокс на Азија“, безбедносните мерки се, според упатените, дури и поригорозни отколку на меѓународниот аеродром Чанги, со кој е поврзан.

Вредни предмети и златни прачки можат да пристигнат директно од пистата – дискретно и подалеку од очите на јавноста. Сепак, оние што влегуваат низ главниот влез минуваат низ серија контроли, од соби со непробојно стакло, преку детално скенирање на телото, па сè до проверка на багажот со рендген.

Место на апсолутна дискреција

Сепак, најтешкиот дел не е влегувањето во комплексот Ле Фрипорт, туку добивањето покана за него, објавува CNN .

Ваквите објекти, познати како слободни пристаништа , се наменети за најбогатите луѓе во светот кои сакаат да ги складираат своите средства подалеку од очите на јавноста.

Најчесто се наоѓаат во финансиски центри како што се Женева или Монако, а она што ги прави уште попривлечни е фактот што често се ослободени од данок. Ова овозможува трговија со луксузни стоки без плаќање царински давачки, под услов да не го напуштаат објектот.

„Ле Фрипорт“ , отворен во 2010 година, изгради репутација на место со апсолутна дискреција во земја која се смета за еден од најголемите центри за богатство во светот.

Самото влегување во објектот носи промена – тропската топлина на Сингапур е заменета со контролирани услови (со температура од околу 21 степен Целзиус и влажност од околу 55 проценти). Ваквите услови се неопходни за зачувување на чувствителни предмети, од стари часовници до уметнички дела стари со векови.

„Ле Фрипорт“ исто така складира злато

Најнеобичниот предмет во магацинот

Во комплексот не постои една фирма, туку цел екосистем од компании специјализирани за различни видови недвижности. Коридорите осветлени со синкава светлина водат до простории со различни големини – од помали магацини до приватни уметнички галерии.

Во тие простори има уметнички дела од европски барок до традиционално кинеско сликарство. Безбедноста е на највисоко ниво, а системот за гаснење пожар работи со отстранување на кислородот од просторијата.

Сепак, најнеобичниот предмет во овој луксузен магацин не е слика или злато, туку речиси целосен фосил од диносаурус – трицератопс по име Треј.

Потекнува од периодот креда, стар е околу 66 милиони години и е пронајден во 1993 година во САД. Со децении бил изложен во музејот, каде што го виделе околу милион посетители.

Денес, откако е транспортиран во специјални гајби, се склопува и изложува во една од безбедните простории на „Ле Фрипорт“ . Долг околу пет метри и висок повеќе од два метра, овој фосил тежок речиси еден тон претставува единствена комбинација од наука и луксузно колекционирање.

„Неискористена можност“ на пазарот

„Отсекогаш сум сакал да поседувам диносаурус“, вели инвеститорот во криптовалути Чо Веи Јанг, објаснувајќи дека фасцинацијата со древните суштества ги надминува културните и генерациските граници.

„За разлика од уметноста, која бара одредено претходно знаење, диносаурусите имаат универзална привлечност“, додаде тој.

Токму затоа тој верува дека фосилите се „неискористена можност“ на инвестицискиот пазар.

Сепак, продажбата на вакви предмети предизвикува дебата. Научните организации предупредуваат дека значајните фосили треба да останат во јавни институции, а не во приватни колекции. И покрај ова, Треј беше понуден на продажба преку аукциската платформа Јоопитер . Проценките за вредност се движат помеѓу 4,1 и 5 милиони евра.

Само неколку соби подалеку, трговците се занимаваат со една од најстарите форми на богатство – злато. „БулионСтар“ држи милијарди долари во скапоцени метали, а интересот расте во време на глобална нестабилност.

„Златото и среброто најдобро се снаоѓаат во кризи“, објаснува компанијата, посочувајќи на зголемување на побарувачката за време на геополитички тензии.

„Диносаурусите се следниот голем бран“

Иако слободните пристаништа ја поттикнуваат трговијата и инвестициите, тие често се критикувани за нивниот потенцијал за злоупотреба. Во 2019 година, Европскиот парламент препорача нивно постепено укинување, но тие продолжуваат да работат низ целиот свет.

Сингапурскиот „ Ле Фрипорт“ имаше финансиски проблеми сè додека не беше купен во 2022 година од компанијата на крипто милијардерот Џихан Ву. Денес, според менаџерите, бизнисот е позитивен.

Во еден од приватните простори, меѓу современи уметнички дела и колекционерски предмети, Чо Веи Јанг собира пријатели, уметници и познати личности. Неговата колекција вклучува дела од современи уметници, но и реплики на диносауруси – дел од пошироката идеја да се доближат ваквите предмети до новите генерации.

Преку платформата Co-Museum , која ја лансираше, тој се обидува да ја „демократизира“ уметноста, овозможувајќи заедничка сопственост на скапи предмети.

„Диносаурусите се следниот голем бран на колекционерство . Сакаме да ги ставиме во првите редови на алтернативните инвестиции“, тврди тој.
The post ТАЈНАТА НА СИНГАПУР Ѕирнете во „ Азискиот Fort Noks“, каде што богатите чуваат злато, уметнички дела, па дури и фосил од диносаурус! appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: