Осомничениот за убиството во Охрид, Ж. Гроздановски е истиот тој кој во 2019 година беше уапсен за закани кон тогашниот премиер Зоран Заев, дознава „Фокус“.
Тој се води како лидер на организацијата „Христијанско братство“, а пред речиси седум години преку видео снимка со заканувачка содржина објавена на социјалните мрежи му се заканувал на Заев и на другите членови на владата предводена од СДСМ.
Како што претходно објавивме, Гроздановски е анестезиолошки техничар на КАРИЛ, а до 2010 година работел во тетовската Клиничка болница. Овие информации за „Фокус“ ги потврди и актуелниот директор на Клиничката болница во Тетово, доктор Ерзен Ељези.
Фокус тврди дека Гроздановски имал договор со убиениот да го чува во замена за наследство. Убиениот бил сопственик на угостителскиот објект „Климентов Конак“.
Во полицискиот билтен се наведува дека вчера во 17:20 часот во тетовското село Брвеница, полициски службеници од СВР Тетово, по претходно распишана централна потерница од СВР Охрид, од слобода го лишија Ж.Г. (53) од истото село кој се сомничи за сторено кривично дело „убиство“ по член 123 од кривичниот законик.
Во СВР Охрид вчера во 8:24 часот било пријавено дека во семејниот дом на улицата „Нада Филева“ во Охрид, без знаци на живот бил пронајден 76-годишниот охриѓанец К.М.
На местото на настанот извршен бил увид од јавен обвинител и полициски екипи, додека лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. По наредба на обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција.
извор Фокус


