Социјалдемократскиот сојуз оценува дека мандатот на новиот државен јавен обвинител Ненад Савески почнал со скандал со предложувањето на Јасмина Костеска-Здравеска за шеф на Вишото јавно обвинителство.
– Името на Костеска-Здравеска не е непознато. Таа се споменуваше во разговорите од „бомбите“, во комуникација меѓу Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска, каде се договара нејзиниот избор. „Таа што сме ја договарале“, „Ја квалификувавме како наша“, „Наша е, кога ќе го видиш ќе ти текне човекот“. Нејзиниот сопруг исто така, дел од процесот за лустрација на Славко Јаневски, изјави генералниот секретар на СДСМ Саша Димитриејевиќ пред зградата на Јавното обвинителство.
Димитријевиќ праша дали оваа одлука е самостојна на обвинителот Савески или е уште една задача дадена од Христијан Мицкоски.
– Затоа што веќе видовме: Мицкоски од собраниска говорница му дели задачи на јавниот обвинител, советници на власта и сопруги на функционери на ВМРО се избираат за судии, се води кампања против СЈО за рушење на пресудите и враќање на Никола Груевски, се подготвуваат нови кампањи преку Боки 13 и Катица Јанева, со веќе видени сценарија и се спроведуваат црни кампањи и јавен линч против опозицијата, рече Димитријевиќ


