Детали за убиството во Охрид – мотив користољубие, Обвинителството бара притвор

Обвинителството излезе со детали за убиството во Охрид. Убиството е извршено од користољубие затоа што убиениот охриѓанец Климе Митрески сакал да го раскине договорот за доживотна издршка што го склучиле во февруари лани, а со кој осомничениот требало да добие голем имот по смртта на Митрески.
По вербалната расправија, осомничениот од зад грб физички го нападнал Митрески, го совладал на подот и го удрил со боксови неколку пати во главата. За цело време го држел оштетениот со едната рака преку устата и носот со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт. Откако се уверил дека жртвата не дава знаци на живот, го напуштил местото.
– Присуството и дејствијата на осомничениот во критичниот период се евидентирани на снимки од видео надзор поставен во куќата на оштетениот, а во текот на претходната постапка обезбедени се и други снимки од видео надзор за неговото движење, како и други материјални докази, велат од Обвинителството.
За ова тешко кривично дело предвидена е казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
– Имајќи ги предвид овие околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, сокривање или уништување на трагите на кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, информира Обвинителството.

Пронајдете не на следниве мрежи: